Крубера-Вороња - најдлабоката пропаст во светот
Во Западен Кавказ (Грузија), на масивот Арабика (карактеристичен по својот алпски карст) од 1980г. до денес се вршени голем број на спелеолошки истражувања во длабоки пропасти. Со нив се истражени системот Арабикскаја (Кујбишевскаја-Генрикова пропаст; -1110 м), системот Иљукина (-1240 м), Московскаја (-970 м), Сарма (-1530 м) и системот Крубера-Вороња (-2191 м).
Системот Крубера-Вороња е истражуван во состав на проектот "Повикот на пропаста", кој е повеќегодишен проект чија цел е истражување и проучување на длабоки пропасти во извонредните варовнички масиви: Аладаглар (источен Таурус) и Арабика (западен Кавказ). Водечка цел на проектот, на неговиот почеток во 2000 г., била истражување и проучување на првата пропаст на светот подлабока од 2000 м . Овој проект го раководи Украинската Спелеолошка Асоцијација, а вклучува и институции, поединечни спелеолози и карстолози од Украина, Турција, В.Британија, Франција, Шпанија, Молдавија, Русија.

влезот на системот Крубера-Вороња
За време на повеќегодишните експедиции системот Крубера-Вороња постојано го совладуваше светскиот рекорд на длабочина од 1410 м (2000 г.), 1710 м (2001 г.), 2080 м (2004 г.), 2158 м (2006 г.) и најновиот од 2191 м (2007 г.)
Во периодот од 5 август до 15 спетември 2007 се одвиваше последната експедиција во системот Крубера-Вороња, во состав на проектот "Повикот на пропаста". Експедицијата, под покровителство на Украинскиот Институт за Спелеологија и Карстологија, беше водена од Јури Касјан и се состоеше од 41 учесник (29 спелеолози од Украина; 10 од Русија; 1 од Белорусија и 1 од В.Британија).
При оваа експедиција системот Крубера-Вороња доби нови параметри и тоа:
-длабочина: 2191 м
-должина: 13 232 м

план и профил на Крубера-Вороња
(кликни на сликата за поголем приказ)
За време на 29-те денови на работа под земја, биле поставени 5 кампови, при што сите отпадоци од камповите се изнесени од објектот и од планината (вклучувајќи ги и отпадоците од камповите на -1960 м. и -1640 м.)
Научната програма која е извршена за време на експедицијата вклучувала: мерење на температури, геолошки набљудувања, земање на микробиолошки примероци, примероци од седименти и примероци од пештерски украси.
Текстот е составен врз основа на податоците на А.Климчук и Јури Касјан, објавен во Speleogenesis.
Подетални податоци можете да најдете на страните на www.speleogenesis.net
