Пештерски украси
Украсите (пештерски украси) или акумулативни подземни карстни форми, како што всушност претставуваат, настануваат секундарно, со излачување на карбонатот од водата, во веќе формираните пештери и пропасти. Калциум карбонатот се излачува во вид на калцит (чист CaCO3) или во вид на травертин (при распрскување на водата на некој наклон, се ослободува CO2 при што се излачува травертин). При таложењето калциум карбонатот создава различни облици меѓу кои се разликуваат: сталагмити, сталактити, хелектити, столбови, сливови, завеси (драперии), пештерски бисери, пештерски корали, пештерско млеко и травертински басенчиња, кои во зависност од хемискиот состав можат да бидат во разни бои.

цевчести сталактити - макарони (пештера Пурало)
Сталактит претставува пештерски украс кој настанува со таложење на калциум карбонат на пештерската таваница. Почнува да се формира под некоја тесна пукнатина, низ која се слива вода прокапница. Најпрво има форма на мала калцитна цевкичка, а потоа нараснува во ширина и должина од таваницата кон подот. Младите, танки и светли сталактити кои имаат форма на цевчиња се викаат макарони, додека пак хелектити се мошне ретки сталактити кои поради струењето на воздухот растат странично или нагоре.

хелектити (пештера Јаноа I)
Сталагмит е пештерски украс кој се формира на пештерскиот под, на местото каде капе вода од таваницата. Настанува со таложење на калциум карбонат при распрскување на водата која капе од таваницата, при што се таложи во вид на слоеви од дното кон таваницата.

мали сталагмити (пештера Слатински Извор)
Пештерски столб или сталагњат е украс кој настанува со спојување на сталагмит и сталактит.

пештерски столб-сталагњат (пештера Пурало)
Пештерски слив преставува калцитен украс на пештерските ѕидови, кој потсетува на скаменет водопад.

слив опкружен со корали (Церова пештера)
Пештерски корали, претставуваат пештерски украси во вид на мали зрна кои настануваат околу некое јадро (песок, прашинка или сл.)

завеса (пештера Студен Кладенец)
Завеси или драперии се пештерски украси во вид на завеса.
Пештерски бисер е украс во вид на топче, составен од калциум карбонат кој настанал околу некое јадро (зрно песок, калцит и сл.) во пештерска кадичка исполнета со вода.

пештерски бисери
Траверински басенчиња или кадички претставуваат мали басенчиња кои настануваат со формирање на травертински прегради на пештерскиот под, на места со некој наклон или каде има поголем проток на вода.

травертински басенчиња (пештера Слатински Извор)
Пештерско млеко е бел прашинест продукт од распаѓањето на варовникот, со кој се прекриени ѕидовите на некои пештери. Во влажна состојба изгледа како беличеста “мрсна” маса во чие формирање се смета дека важна улога имаат микроорганизмите.
