Пештери и пропасти во Македонија
Во околината на Скоје има околу 20-тина објекти меѓу кои и пештерата Врело (160м) на Матка која беше туристички уредена, меѓутоа со зафатите за изградба на браната Матка 2, отворот беше затрупан, па сега се вршат активности на ревитализирање на единствената туристички уредена пештера во Р.Македонија. По својата должина и богатсвото со пештерски украси се истакнуваат: Дона Дука (650 м) кај с.Рашче, потопената со езерото Матка Коритиште (450 м), Убава (138 м), Крштална (121/-34 м) на Матка, Шпела Бозгуни (80 м) – Патишка Река и др. Од пропастите во оваа област позначајни се: Титов пропаст (-96 м), Срт (-38 м), Ситоица (-18 м). Овие пропасти според својата длабочина и тежина на освојување не се за потценување, што подразбира добро совладана спелеолошка техника за ниво освојување.

влезот од пештерата Шпела Бозгуни
Порече претставува наша најзначајна спелеолошка област. Тука се наоѓа пештерата Пешна која е со најголем отвор на Балканот (17*52 м) кој со својот куриозитет е примамливо место и за спортските качувачи, како и најдолгата пештера во Република Македонија, Слатински Извор (околу 3500 м) низ која тече подземен речен тек. Од другите пештери позначајни се Горна Слатинска (400 м) заштитена со закон, Пурало и Овчарска пештера, во непосредна близина на спелеолошкиот дом “Урсус Спелеос” во с. Слатина., Момичек (110 м) една од наколоритните пештери, Лапарница (125 / -34 м) и многу др.

отворот на пештерата Пешна
Планината Јакупица за разлика од Поречието каде преовладуваат пештерите е карактеристична по пропастите. Тука се наоѓаат најдлабоките пропасти во Република Македонија и тоа Солунска 5 (-450 м) најдлабока пропаст, на чие дно се наоѓа постојан мраз, потоа Ледник (-150 м), Јакупица 3 (-80 м), Јакупица 4 (-115 м) и многу други. Од пештерите значајна е пештерата во изворот на реката Бабуна (550 м). За посета на овие спелеолошки објекти, потребна е исклучителна спелеолошка опрема и подготвеност, додека за посета на пештерата во изворот на Бабуна потребни се и спелеонуркачки способности.

травертински басенчиња во пештерата Слатински Извор
Околината на Гостивар се издвојува како област со повеќе хоризнотални објекти, меѓу кои се издвојува втората по должина пештера во Македонија, пештерата Ѓоновица или Убавица (1010 м), како што уште ја нарекуваат поради изобилството со пештерски украси, низ која тече подземен водотек, со подземен водопад.
пештера Горна Слатинска
Планината Бистра изобилува со повеќе спелеолошки објекти. Тука се издвојува сложениот пештерски систем Алилица (615 м), низ која тече подземен водотек. Други значајни спелеолошки објекти се Шаркоа Дупка (108 м) – Маврово и Калина Дупка (408 м) – Лазарополе.

корални украси и сливови во Церова пештера
На планината Галичица постојат повеќе спелеолошки објекти од кои се издвојуваат пропаста ‘Рблак, најдолгата пештера на Галичица, пештерата Самоска Дупка (224 м), како и крајбрежните пештери на Охридското езеро.

сливови, сталактити и пештерско саќе во пештерата Пурало
Во околината на Велес по течението на реката вардар и неговите притоки Бабуна и Тополка се забележани повеќе спелеолошки објекти, меѓу кои позначајни се: Макаровец I (310 м) во која е најдена горно плеистоценска фауна (мастодон, сабјест тигар и др.), Крајници (210 м), Маркова Црква (69 м) и др.
влезот на пештерата Студен Кладенец, низ која тече подземна река
Друга позначајна област е просторот од Демиркаписката Клисура до Кавадарци, каде се истакнуваат пештерите Бела Вода (955 м), трета по должина во Македонија, Грен Змејовец (220 м), Арамиска пештера (165 м) и многу други.

спелеолог се спушта во пештерата Провалата
Во Мариово, иако се знае за нивното присуство, многу малку спелеолошки објекти се истражени. Од нив значајна е пештерата Провалата.
