Карстот во Македонија
Карстот во Република Македонија не претставува компактна (засебна) целина, односно е застапен во вид на помали или поголеми оази. При тоа во зависност од петрографскиот состав на карпите кој ги опкружуваат карбонатните карпи, се развива посебен вид на карстна хидрографија. Ваквите особености директно ја условиле морфогенезата на подземните карстни облици во Република Македонија.
Тргнувајќи од геотектонската поделба на Република Македонија, карбонатните карпи, а со тоа и карстот, најмногу е застапен во Западно-македонската зона и Пелагонискиот хорст-антиклинориум. Најголеми карстни површини се среќаваат на планините Жеден (1259 m), Бистра (2163 m), Галичица (2288 m) и Јакупица (2540 m), како и во Поречкиот Басен, изворишниот дел на Црна Река и Мариово. Помали карстни оази се застапени во Вардарската зона (Таорска Клисура, Велешка Клисура, Демир Капија, Кожуф), а далеку најмалку карстот е застапен во Источно-македонскиот масив, односно на планините Плачковица (1754 m) и Влаина (1932 m).

распространетост на карстот во Република Македонија
(А-Западно македонска зона, B - Пелагониски хорст-антиклинориум, C - Вардарска Зона, D - Источно македонски масив, E - Краиштидна зона)
Карбонатните карпи во Република Македонија се одликуваат со различна старост. Најстари се прекамбријските мермери, додека најраспространети се тријаските карбонати (мермери, варовници и др.).
Вака разместени, карбонатните карпи (а со тоа и карстот) зафаќаат површина од 2440 km2 или тоа е 9,6 % од територијата на Република Македонија.
Во просторен план најистражени карстни области во Повардарието се: планината Жеден, Скопската Котлина, клисурестите делови на реките Тополка и Бабуна, долината на реката Каменица во Тиквеш, Демир Капија и планината Кожуф. Во Пелагонискиот хорст-антиклинориум за солидно истражени области се сметаат: Порече, планинскиот масив Јакупица и изворишниот дел на Црна Река. Во Западно-македонската зона, подземните карстни форми се истражувани во долината на реката Радика, како и на планините Бистра, Буковиќ и Галичица и покрај брегот на Охридското езеро.
Досега во Република Македонија истражени се околу 300 спелеолошки објекти, од кои научно се обработени околу 200. Меѓутоа таа бројка нее конечна, бидејќи во Република Македонија со голема сигурност моче да се претпостави дека нивниот број е доста поголем, околу 400-500.
помошна литература:
Колчаковски (2001): Спелеоморфолошки карактеристики на карстниот релјеф во Република Македонија, Географски Разгледи бр.36, Скопје.
