Општо за карстот
Карст е термин од словенско потекло со значење камен или каменест крај според пределот источно од Трст (Словенија. Со овој термин подоцна се означува релјеф од специфичен карактер кој настанува под дејство на карстната ерозија. Атмосферската и речната вода при понирање на во внатрешноста на карбонатните терени вдолж меѓусебно најразлично поврзани и испреплетени пукнатини ја раствара карбонатната маса (карстен процес-карстификација) и изградува посебни форми, како на површината така и во нејзината внатрешност и посебен вид на хидрографија, карстна хидрографија.
Карстна ерозија
Карстната ерозија или корозија претставува процес на растварање на карбонатните карпи под дејство на водата богата со јагленова и други киселини. Атмосферската вода го апсорбира јаглендвооксидот (CO2) од воздухот и така создава благ раствор на јагленова киселина (H2O + CO2 = H2CO3), која ја напаѓа карбонатната карпа (варовник, доломит, мермер) – калциум монокарбонат (CaCO3) и ја претвора во калциум бикарбонат (H2CO3 + CaCO3 = Ca(HCO3)2). Со овој процес на растварање, во карбонатните карпи се формираат различни ерозивни карстни форми. Калциум бикарбонатот е нестабилно соедниение поради лабилноста на јагленовата киселина, која лесно се губи со испарување на H2O или со губитокот на CO2. На тој начин, на местата каде се случува тоа, се таложи неутрален калциум карбонат (CaCO3) во вид на бигор или травертин, кој не се расвара во вода.
Карстни форми
Формите кои се јавуваат во карстниот релјеф во основа можат да се поделат во две групи и тоа: површински и подземни карстни форми.
Површински карстни форми настануваат со растварање (корозија) на карбонатните карпи и во нив спаѓаат шкрапи, вртачи, карстни ували и картни полиња.
Подземните карстни форми, за разлика од површинските, настануваат со растварање (ерозивни подземни карстни форми) и акумулирање (акумулативни подземни карстни форми) на карбонатни карпи.
Ерозивните форми се примарни и во нив спаѓаат сите категории на подземни карстни форми настанати непосредно со корозија, како и они кои настанале со нејзиното последично дејствување (уривање во внатрешноста на карбонатните простори). Овие форми во основа се делат на пропасти и пештери.
Акумулативните форми се секундарни и се создаваат во веќе оформените ерозивни подземни карстни форми. Во нив спаѓаат пештерските украси и травертинските творби.
Карстна хидрографија
Карстниот процес предизвикува и посебни хидрографски и хидролошки карактеристики и односи во карстните терени. Како резултат на карстификацијата во карстните терени на површината владее безводност, додека внатрешноста е богата со вода, односно постои подземна циркулација на водата. Реки нема, но доколку постојат тие се од алогено потекло (со вода од некарстни терени) и најчесто со понорнички карактер. Изворите се ретки и најчесто се одликуваат со голема издашност (карстни врутоци). Според механизмот на функционирање изворите во карстот се делат на потајници и еставели, додека според режимот на постојани, периодични и повремени.
